Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts

Берлинскиот процес: online-средба на министрите за надворешни работи

Western Balkans Summit Berlin 2021

Western Balkans Summit Berlin 2021, © © AA

08.06.2021 - Текст

Поздравен говор на Сојузниот министер за надворешни работи, Хајко Мас

Берлин, 8 јуни 2021 година 

Почитувани колеги,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Повеќе од една година, пандемијата од корен ни го менува  животот. Управувањето со КОВИД кризата и натаму е дел од нашата секојдневна работа. Но, едновремено има и причина за оптимизам:

И покрај сите тешкотии, одвивањето на вакцинацијата во сите наши земји се забрзува – благодарение на мултилатералната соработка и солидарноста. КОВАКС и Европската унија испорачаа вакцини на Западен Балкан. На пат е и понатамошна поддршка за вашите здравствени системи и за вашите стопанства.

Таквиот напредок ни дава причина да се зафатиме со подолгорочни перспективи – за нашата економија, нашата политика и нашите општества да излезат посилни од кризата.

На денешната конференција токму тоа сакаме и да го направиме – затоа, топло добредојде на сите вас! Љубопитен сум да го слушнам секој од вас, но, прво дозволете ми да дадам неколку  забелешки од наша перспектива.

За Западен Балкан, повторното градење и унапредување ќе значи да се биде амбициозен – затоа што вашите граѓани имаат високи очекувања:

Од своите влади тие очекуваат отчетност, сигурни јавни услуги и економски напредок.

Од Европската унија и од нејзините земји членки тие за своите земји бараат кредибилен пат кон Европската унија.  

Сите овие прашања се наоѓаат во срцето на Берлинскиот процес. Од почетокот на овој процес во 2014 година земјите на Западен Балкан многу постигнаа:

  • Регионалната канцеларија за младинска соработка поврза илјадници млади отаде националните граници.
  • Во текот на пандемијата вашите земји создадоа „Зелени патеки“ со кои овозможија стоките да се движат преку границите и покрај КОВИД рестрикциите.
  • Следниот месец, нов договор ќе ги укине надоместоците за роаминг во регионот, што ќе го направи многу поевтино деловното работење и одржувањето контакти со пријателите и семејството.
  • И на Самитот на Берлинскиот процес минатата година вие го лансиравте вашиот најамбициозен проект: заеднички регионален пазар.

Почитувани колеги,

Ова се значајни достигнувања. Но, кога ќе погледнеме назад во минатата година гледаме малку напредок во други полиња. И целосно го разбирам разочарувањето што го предизвикува тоа во вашиот регион.

Според тоа, ајде да ги удвоиме нашите заеднички напори околу три тематски области

Прво,  треба да го придвижиме процесот на проширување.

Иднината на сите шест земји од Западен Балкан е во Европската унија – Германија останува и понатаму целосно посветена на оваа цел.

„Вие испорачувате – ние испорачуваме“  мора да остане и во иднина наш пристап кон проширувањето на Европската унија.

Од една страна, земјите од Западен Балкан треба да го зајакнат владеењето на правото, да се борат против корупцијата и организираниот криминал, да ја штитат слободата на медиумите и да создадат простор во кој ќе вирее демократијата.

Таквите реформи ќе привлечат повеќе странски инвестиции, на младите луѓе ќе им дадат перспективи и со тоа ќе го запрат „одливот на мозоци“ од вашиот регион.

Од друга страна, Европската унија мора да остане на своите заложби.

Северна Македонија и Албанија имаат испорачано одржлив напредок во правосудните реформи и во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Со Договорот од Преспа, Скопје и Атина покажаа историско политичко водство.

Токму затоа пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија треба сега да почнат. Му се заблагодарувам на Португалското претседателство што ја презеде од нас оваа задача – ја има нашата целосна поддршка!

Дозволете да појаснам: ние сите знаеме дека домашните политики можат да го ограничат маневарскиот простор за надворешната политика. И ние разбираме дека прашањата за историјата и за идентитетот се деликатни.
Но, таквите билатерални прашања не треба да го попречуваат целиот пристапен процес.

И кога зборуваме за прагматизам: јас исто така верувам дека ние како Европска унија треба конечно да испорачаме и во врска со прашањето за либерализација на визите за Косово, кое останува единствената земја од регионот која е исклучена од едноставното патување во Европската унија.

Второ, ајде да вложиме поголеми напори на полето на регионалната соработка и помирувањето. Сите народи низ Европа носат историски бремиња. Но, историјата не треба да биде пречка за градење на заедничка иднина.

Неодамна ги посетив Белград и Приштина за да зборувам за дијалогот меѓу Косово и Србија, за кој посредува Европската унија.

Нашата порака е јасна, имено дека еден сеопфатен договор меѓу Косово и Србија нема само да ја зголеми регионалната безбедност. Тој ќе ги откочи изгледите на обете земји за членство во Европската унија.  

Ние целосно ги поддржуваме напорите што ги прават високиот претставник Јосеп Борел и специјалниот претставник Мирослав Лајчак за да го реализираат ова .

Истото се однесува и на Босна и Херцеговина. Над дваесет и пет години од Дејтон гледаме загрижувачка пат-позиција и агресивна реторика.

Попладнево ќе биде објавена апелационатапресуда во случајот против Ратко Младиќ. Нè потсетува на ужасните војни од деведесеттите години на минатиот век, вклучително и на актите на геноцид, масовни убиства и етничко чистење.

Овие ужасни сеќавања треба да водат кон заклучокот дека иднината на Западен Балкан е во мирот и демократијата.

Европскиот патоказ за Босна и Херцеговина е јасен, имено четиринаесетте клучни приоритети на Европската комисија.

Покрај тоа, од клучно значење е  Канцеларијата на високиот претставник за Босна и Херцеговина. Затоа сум му многу благодарен на Кристијан Шмит и на оние кои го поддржаа  неговото назначување за нов висок претставник. Тој ќе помогне Босна и Херцеговина да се врати на меѓународната агенда!

На крајот дозволете ми да ја истакнам улогата на граѓанското општество во промовирање на помирувањето и на дијалогот. Наскоро ќе слушнеме повеќе за исходите на Форумот за граѓанско општество во рамките на Берлинскиот процес кој се сретна минатата недела.

Ова ме носи до третата точка- напредок кон Самитот на Берлискиот процес во јули.

Силно ве охрабрувам да ја насочите целата своја енергија кон тоа овој самит да го направите успешен за луѓето во регионот:

  • Конкретно, договорот за слободно движење со лични карти ќе ги зајакне трговијата и патувањето.
  • Слично на тоа, еден унифициран виза простор како и взаемно признавање на академските и професионалните квалифилации ќе им го олесни животот на многу ваши граѓани.

 Драги пријатели,

Пандемијата покажа дека повеќето предизвици со кои се соочуваме не запираат на националните граници.

За просперитетен и мирољубив Западен Балкан  потребно е сите земји во регионот да се фатат за рака – со прагматизам и храброст, со реализам и амбиција.

На вас останува да ги направите тие избори – Германија е спремна да Ве поддржи.

Ви благодарам!

Почеток на страницата