Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts

Амбасадорката Холштајн го образложува ставот на Сојузна Република Германија за руско-украинскиот конфликт

25.02.2022 - Соопштение за печат

Со воениот напад на Украина, руската влада пред очите на светот на начин, кој е без преседан, ги прекршува најелементарните правила на меѓународниот поредок и меѓународното право.  Прикажувањето на руската влада, дека тоа е „миротворна“ мисија, ја изопачува Повелбата на Обединетите нации. Претставува срам што Белорусија учествува во тоа.

Руската влада сама го избра овој пат на еднострана агресија. Ниту Украина ниту НАТО ниту другите направија нешто што го оправдува ова крвопролевање. Претседателот Путин отворено го доведува во прашање правото на егзистенција на Украина, со тоа што фалсификува историски факти. Тврдењето дека НАТО ја опколило Русија и ја принудило на овој чекор е груба лага. Нема геноцид во Источна Украина како што тврди Путин.  

Во изминатите месеци се обидовме да направиме сè, за на дипломатски начин да најдеме мирно решение за оваа руска криза. Руската влада не ги прифати нашите понуди за разговор.

Ќе имаме блиска координација во рамките на ЕУ, во рамките на НАТО, во рамките на Г7 и се разбира со Украина.  Ќе го донесеме целиот пакет со најмасивни санкции против Русија. И ќе ги засилиме нашата безбедност и нашите сојузни партнери.

Денес не станува збор само за Европа. Ниедна земја во светот не може да прифати дека суверенитетот на другите е на располагање, ако тоа го сака неговиот посилен сосед. Меѓународната заедница не може да прифати дека неоправдано се прекршуваат основните начела на Повелбата на Обединетите нации, особено забраната за насилство.  

Благодарни сме што Владата на Северна Македонија како и ние, исто така се залага за почитување на Повелбата на Обединетите нации и на основните принципи на ОБСЕ и заедно со нас се спротивставува на оваа агресија.

Санкциите против Русија, цените во пораст и падот на акциите на берзите ќе се одразат и врз Германија и Северна Македонија. Ако сега не се заложиме решително за тоа, ќе платиме уште повисока цена.  

Повелбата на Обединетите нации е основата за живот во благосостојба и мир.  

Почеток на страницата