Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts

Семинари за библиотекари: Маријана Палашевска

19.05.2022 - Галерија на фотографии

Како библиотекар во Германската читалница имав можности да посетам неколку семинари за библиотекари, поддржани од страна на Гете-Институтот. Првиот семинар за библиотекари што го посетив се одржа во Библиотеката на Централата на Гете-Институтот во Минхен во 2009 година.
Гете-институтот соработува со други библиотеки, библиотекарски друштва, образовни институции и други инститиции во земјата и во странство со цел да го унапреди професионалниот дијалог и размена. Во Македонија и во Германија се организираат конференции, студиски патувања или програми за размена во областа на информациските науки. Гете-институтот и Библиотека & Информации Германија (BID) промовираат професионална размена меѓу германски и странски колеги преку програмата за стипендии „Германски библиотечни експерти во странство“ (DeBia). Гете-институтот и БИД обезбедуваат финансиска поддршка за специјалистички престој, учество на конференции или студиски патувања . На семинарот во Централата на Гете-Институт се запознавме првично со работата на колегите библиотекари од Гете-Инситутот и нивната вмреженост со библиотеките и  Германските читалници во целиот свет. Следуваа презентации од колегите во Германските  читалници од Југоисточна и Централна Европа. По ова имавме и предавање од експерт за пребарување во дата-бази а ни беше претставен и начинот на кој би можеле да формираме блогови и работни платформи, се со цел да бидеме што е можно повмрежени со колегите и да разменуваме идеи и проекти.

Во текот на семинарот беа планирани посети на две библиотеки: Современата градска библиотека во Улм и Баварската покраинска библиотека каде меѓудругото се запознавме и со процесот на дигитализација во оваа библиотека.
Бев воодушевена од модерниот центар за дигитализација на Баварската библиотека и гостопримството на Баварците. Одлучив! Наш прв гостин од областа на библиотекарството ќе биде токму од оваа библиотека.

Баварската покраинска библиотека е една од најголемите и најреномираните истражувачки библиотеки во Европа со богати збирки ракописи и ретки книги, но и други значајни специјални збирки меѓу кои и на источноевропските јазици. Од 1997 г. во оваа Библиотека функционира еден од двата национални центри за дигитализација (Минхенскиот центар за дигитализација, MDZ - Münchener Digitalisierungs-Zentrum), кој денес е еден од најмодерните и најголемите библиотекарски центри за скенирање во Средна Европа. Со опремата за дигитализација која опфаќа скенери од различни типови и со различни функции, Центарот може да ги покрие сите големи проекти за дигитализација. Господинот Клаус Кемпф беше раководител на Одделот за комплетирање и обработка на библиотечен материјал, во чии рамки функционира и „Дигиталната библиотека“ беше наш гостин. Тој е експерт и оценувач на многубројни проекти од библиотечната дејност во Германија како и во странство. Член на бројни стручни здруженија на национално и меѓународно ниво (Претседател на баварската комисија за комплетирање на фондот и лиценцирање; член на Собранието на советници на IFLA Section Acquisition and Collection Development). Има објавено многубројни публикации, особено на тема менаџирање со библиотеки, изградба на библиотеки и уредување на истите како и за прашањата за набавка и збогатување на фондот, но и за дигитализација и трајно дигитално архивирање во научните библиотеки. Актуелни области на работа: дигитализација; збогатување на дигиталниот фонд; дигитално долготрајно архивирање.

Вториот семинар за библиотекари што го посетив се одржа во Градската библиотеката на Келн во 2013 година. Темата на овој семинар беше „Библиотеките како места за учење“. Бевме топло пречекани од страна на директорката на библиотеката, а колегите библиотекари од Градската библиотека во Келн не воведоа повеќе во нивните проекти на оваа тема. Презентиран беше и проектот Q-Theke, кој беше реализиран само во Библиотеките низ покраината Северна Рајна-Вестфалија. Со овој иновативен проект се создале нови катчиња во  библиотеките, кои им овозможуваат повеќе слобода на корисниците и читателите. Посетивме   други Градски библиотеки, како и една медиотека во покраината Северна Рајна-Вестфалија.

Семинари за библиотекари: Маријана Палашевска

Почеток на страницата