Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts

Поздравен говор на германската амбасадорка на приемот на Денот на германското единство, 3 октомври 2022 година

18.10.2022 - Текст

- Важи кажаниот збор  -

Почитуван господине Претседател, почитуван господине Претседател на собранието, почитуван господине Премиер, почитувани министерки и министри, почитувани пратеници, драги колешки и колеги, драги гости,

Ме радува многу што конечно може да го прославам Денот на германското единство со сите Вас. Корона-пандемијата ја спречи прославата минатите две години.

Сега празничната атмосфера е поматена поради руската агресорска војна во Украина. Нашата прва мисла е посветена на мажите и жените кои секојдневно во Украина ги бранат нашата слобода и нашите вредности.

Триесет и две години германско повторно обединување – за мојот маж и за мене, родени и пораснати во ГДР, ова е посебен празничен ден.

Без храброста на граѓанките и граѓаните на ГДР, кои го разнишаа Ѕидот меѓу Истокот и Западот, не би биле овде. Повторното воспоставување на единството на Германија беше триумф на нивната волја за слобода.

Тоа беше можно зашто нашите пријатели и партнери веруваа во мирниот и демократски развој на Германија и го поддржаа овој процес. За тоа сме им вечно благодарни.

Годинава исто така славиме што Северна Македонија при фрустрирачки долгиот и макотрпен процес на приближување кон ЕУ конечно влезе во нова фаза, отворање на пристапните преговори.

Колку долго ќе трае по промената на Уставот до членството, одредува, пред сé, темпото на реформите во земјата.

Може да се потпрете на неограничената поддршка од Германија во овој процес. Во тоа Ве увери и сојузниот канцелар за време на неговата посета во јуни во Скопје.

Оваа година славиме и триесет години соработка меѓу нашите две земји. Триесет години помош, размена, запознавање, учење едни од други, градење на мостови меѓу нашите земји и нивните луѓе.

Многубројни проекти во целата земја сe доказ за оваа соработка меѓу различните германски учесници, вклучително и меѓу Амбасадата и нашите партнери во Северна Македонија, на кои срдечно им благодариме за добрата соработка.

Продолжуваме понатаму за да ја придвижиме Северна Македонија на нејзиниот пат кон целосна евроатлантска интеграција и да има одржлив развој  – за подобар живот на луѓето тука во хармонија со природата и животната средина.

На крајот би сакала срдечно да се заблагодарам кај нашите спонзори – Дрекселмајер, Костал, Кромберг и Шуберт, Маркварт и Телеком. Тие спаѓаат во најголемите германски инвеститори и најголемите работодавци во земјата и сведочат за одличните економски односи меѓу нашите земји.

За музиката ќе се погрижат Штефан Кригер кого го знам уште од деновите на падот на Ѕидот и неговиот син Леонард. Благодарам!

Особена благодарност упатувам до мојот тим, кој ја подготви денешната прослава. Посакувам на сите убаво да си поминете!

Почеток на страницата