Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts

Интервју на амбасадорката Анке Холштајн за Независен

Амбасадорката Анке Холштајн

Амбасадорката Анке Холштајн, © Независен

Текст

Интервју на амбасадорката Анке Холштајн за Независен
објавено на 08.01.2023 г.

  1. Наскоро ќе си заминете од Македонија по повеќе од две години мандат во кои се случија пандемијата, војната во Украина и  енергетската криза. Според вас, каква беше Македонија кога дојдовте и каква е сега и се справи ли добро со сите овие предизвици?

    Се радував навистина многу што можев да дојдам како германска амбасадорка во Северна Македонија.
    За мене тоа постојано, сè до ден денес, беше голема чест и особена радост. Исто така и поради тоа што односите меѓу двете наши земји се исклучително интензивни и на едно одлично ниво. Ние сме високо ценет партнер; тоа што ќе го кажеме во земјата, наидува на слух и има тежина. Да се работи на таква една основа, причинува задоволство.

    Кога пристигнав во 2020 година, пандемијата веќе беше во тек и тоа силно ја попречуваше работата во првата една и пол година. Дипломатијата живее од контактите со луѓето и ако нив ги нема и сè се одвива само онлајн, тогаш недостига половината, или пак дури и повеќе. Се радував многу за тоа, да ја претставувам овде Германија за време на германското претседателство со Советот на Европската Унија. Програмата на нашето претседателство со Советот морав да ѝ ја претставам онлајн на Владата.

    Мислам дека Северна Македонија во овие тешки години се покажа прилично добро. Имаше големи предизвици, кои никој од нас претходно не ги имал.

    Од минатиот февруари тука се вбројува и руската агресија во Украина, која целосно ја промени геополитиката. Северна Македонија тука веднаш зазема јасно позиција и 100 проценти се приклучи на санкциите на ЕУ, прифати бегалци од Украина и ја поддржа материјално земјата со оружје. Сето ова ние го гледаме и сме многу благодарни за тоа. Го цениме многу овој став на Северна Македонија.

    Енергетската и прехрамбената криза нè погодуваат сите, за сите земји ситуацијата е тешка. Тоа мора социјално да се ублажи. Владата на ова поле прави што може и добро ја води земјата во овие времиња со предизвици.
  2. Кој беше најголемиот предизвик со кој се справувавте како германска амбасадорка во Македонија?

    Би сакала да набројам три.
    Прво: пандемијата. Морав безбедно да го водам мојот тим од 60 колешки и колеги за време на пандемијата, а притоа да се задржи способноста за работа на Амбасадата. А и јас самата само што бев пристигната. Тоа беше голем, тежок предизвик, кој заедно добро го совладавме и кој, според мене, нè поврза уште повеќе како тим.

    На ниво на Амбасада имавме еден особено тежок предизвик, една тешка несреќа на колега минатата година, кој на крајот почина од последиците на несреќата. Овој колега особено многу го ценевме. Во мојот говор на неговиот погреб истакнав дека тој беше сончев зрак во нашата Амбасада и тој тоа навистина беше. Тоа многу нè погоди сите нас и како тим на Амбасадата се обидуваме да го поддржиме и да му помогнеме на семејството.

    Професионално најголемиот предизвик беше, несомнено, поддршката за Северна Македонија конечно да има напредок на патот кон ЕУ. Кога пристигнав овде, ќе го прифатев секој облог дека до крајот на германското претседателство со Советот ќе ги отвориме пристапните преговори со Северна Македонија. Тоа не ни успеа. Сите знаете што се случи и како потоа течеше развојот во периодот што следеше.

    Дотоколку повеќе се радувам што конечно, во јули минатата години, успеа да се постигне голем пробив: Северна Македонија преговара со Европската Унија и е на добар пат целиот процес да продолжи. Подоцна во  разговорот ќе се навратиме на тоа уште еднаш.
  3. По три децении отсуство, во Македонија дојдоа во посета германски претседател и премиер во една година. Ја смени ли тоа поддршката за евроинтеграцијата на Македонија во јавноста во Германија и што би им рекле на тие кај нас кои воопшто не веруваат дека вреди да се инвестира во овој процес?

    Три децении отсуство не е точно. Ангела Меркел беше во септември 2018 во Северна Македонија, а последната посета на сојузен претседател беше во 2008 година. И секако дека имаше небројни посети на германски министерки и министри во Македонија, а потоа и во Северна Македонија.

    Германската јавност начелно е позитивно насочена кон проширувањето, барем поголемиот дел од неа. Познато е, не издавам никаква тајна, дека Германија економски силно профитираше од проширувањето на ЕУ кон Исток. Така што, иден прием на Северна Македонија во ЕУ уште повеќе ќе ги олесни економските односи меѓу двете наши земји, кои и без тоа се веќе многу интензивни.

    Но, не е само економијата што подобро функционира меѓу државите-членки на ЕУ, туку станува збор и за односите меѓу народите. Во големото ЕУ-семејство е едноставно полесно да се комуницира меѓусебе. Сосема искрено, има голем број на луѓе од Северна Македонија кои веќе дојдоа во Германија и веќе се дел од него. Така што прифаќањето на луѓето од регионот во Германија е многу големо. Тие се омилена работна сила. За жал, бидејќи недостигаат тука на пазарот на трудот. Природен чекор е еден ден да бидеме сите заедно во Европската Унија, целосно рамноправни.

    Дали вреди? Сосема сигурно! Проширувањето на ЕУ не е цел сама за себе. Тоа е опширен процес на реформи и модернизација за луѓето во земјата, кој го подобрува животот на луѓето во земјата. И прашајте ги Хрватите дали вреди приемот во ЕУ. Тие ќе ви потврдат, дека тој донесе многу позитивни нешта. Од први јануари нема граници со Шенген-зоната и во Хрватска се воведе еврото, нешто што ќе го поттикне туризмот во Хрватска. Тоа е пример, кој се надеваме дека Северна Македонија ќе го следи за неколку години. Елемент што не сакам да го заборавам е слоганот на ЕУ: „единство во разноликост“. Северна Македонија со својот јазик и култура ќе ја збогати дополнително оваа разноликост, на која сме горди. Се радуваме на тоа.
  4. Очекувате ли во новата година да поминат уставните промени и да ја тргнеме последната пречка за преговорите со ЕУ? Има ли според вас се уште простор да се проблематизира т.н. француски предлог и да се гледаат замки во однос на барањата од страна на Бугарија?

    Не постои алтернатива за оваа уставна промена. Сметам дека содржински таа на ниеден начин не е болна за Северна Македонија. Посакуваната уставна промена одредува нешта, кои за никого не се болни. Дека процесот како таков е многу болен за земјата, тоа го разбирам целосно. Бидејќи имаше уставна промена по  Преспанскиот договор и тогаш во просторот постоеше ветување дека тоа би било доволно за да се отвори патот не само кон НАТО, туку и кон ЕУ. И сега уште еднаш да мора да се промени уставот, боли и делува нефер, но верувам дека на крајот тоа е чекор кој едноставно мора да се направи. Сите на кои им е важна европската иднина на земјата би требало да соработуваат натпартиски: Иднината на земјата мора да е над интересите на поединечните партии.

    Бидејќи што е алтернативата? Алтернативата е да се застане на патот кон ЕУ, да се биде одвоен каде другите продолжуваат понатаму. Северна Македонија тоа не го заслужи. Би требало исто како Албанија и другите земји од регионот што веќе се наоѓаат во пристапниот процес да продолжи понатаму по нејзиниот пат кон процесот на приближување кон ЕУ, бидејќи овој процес не е цел сама за себе. Реформите не се цел за себе. Станува збор за веќе спомнатиот опширен процес на модернизација на целото општество, кој ќе им донесе добро на сите луѓе во земјата. За тоа станува збор при приближувањето кон ЕУ и при конечниот прием. Затоа и чекорот за уставната промена би требало да следи годинава и затоа ќе сториме сè, за Северна Македонија да ја поддржиме за овој тежок чекор, се разбира без притоа да сакаме на нешто да присилиме или да наметнеме.
  5. Неодамна беше објавена анкета според која главните политички партии во земјата загубија огромен дел од поддршката. Според вашите согледувања на што се должи тоа и што би значело за земјата свртувањето кон анти-НАТО и проруската партија Левица?

    Тенденции за ваков крајно широк политички спектар, напуштајќи ги големите народни партии, среќаваме насекаде во Европа. За жал, популистите и демагозите добиваат тло секаде во Европа и досега ни е тешко да ги најдеме вистинските одговори на тоа. И во Германија е исто така, АфД која јасно се наоѓа на крајната десница, добива поголема наклонетост, а и во општеството има повеќе насилство. Тоа се феномени, кои ние не сме подготвени да ги толерираме.

    Може да има само еден одговор: засилување на демократијата и правната држава. Уверливо да се зајакнат. Цврсто сум убедена во тоа дека нема подобра општествена форма од демократијата. Сепак, таа мора дa функционира и да ги вклучи луѓето. На ова поле, ние, насекаде, во цела Европа, имаме простор за делување, за подобро да ги вклучиме луѓето.
  6. Наспроти сите притисоци од надвор да се справиме со корупцијата, гледаме наместени избори на јавни обвинители и судски функционери, намерно застарување на случаи, платени ослободителни пресуди... Може ли сето тоа да се надмине само со ветинг, нови измени на законите и со нови процедури при изборите на судиите? Се согласувате ли со оценките дека има селективна правда во Македонија?

    Борбата против корупцијата и подоброто владеење на правото се голема и комплексна тема. За да има напредок во ова поле, потребен е напор од целото општество. Сите нивоа мора да учествуваат, сите да се вклучат: од најдолу до најгоре. Тоа почнува од подарокот за наставничката за 8 март, преку банкнотата во џебот на мантилот на лекарот за подобар третман па сè до сите феномени на голема корупција на високо ниво, која ни е позната и не смее да биде толерирана. Една атмосфера на нула толеранција мора да порасне, потребно е многу време. Тоа не е нешто што може да се случи од денес за утре. 

    Исто така верувам дека процесот на приближување кон ЕУ може многу да помогне, бидејќи се побарани многу конкретни чекори во областа на правната држава, кои дефинитивно помагаат за да има повеќе правна држава и да се сузбие корупцијата. И зголемената дигитализација исто така помага да се потисне корупцијата, затоа што таа едноставно го намалува човечкото влијание. Сакам да нагласам дека тоа е задача на целото општество. Тука мора навистина сите да учествуваат. За жал мора да признаам, дека во оваа област за време на мојот престој во Северна Македонија видов премалку напредок.

    Корупцијата е прашање на став. Тоа почнува кај секоја единка. Секој мора да биде свесен како мора да се однесува коректно во општеството. Корупцијата почнува со мали нешти и оди до најгоре и мора да биде исклучена на сите нивоа. Само на тој начин може да функционира.
  7. Од ЕУ и од Берлинскиот процес стигнуваат најави за големи суми пари и за големи инфраструктурни проекти, но на терен освен роамингот не видовме нешто поголемо. Зошто е тоа така?  

    За Берлинскиот процес дозволете ми да кажам, дека суштината е во тоа дека сакаме сите шест земји од регионот што е можно побрзо  да ги видиме како полноправни членки на Европската Унија. Тоа е висок приоритет за Канцеларот како и за министерката за надворешни работи. Од тие причини минатата година го обновивме Берлинскиот процес. Меѓутоа, тoj донесе далеку повеќе конкретни резултати од роамингот.

    Со Берлинскиот процес беа иницирани многу патишта и железнички врски и беа изградени со ЕУ-средства како дел од Aгендата за конективитет на Берлинскиот процес.

    Или земете ги за пример „Green Lanes“, кои ги поедноставуваат постапките на границите меѓу шесте земји од Западен Балкан.

    Или Kанцеларијата за регионална младинска соработка (RYCO), којa развива различни активности за да ги поврзе младите, да ги разбие предрасудите и да го засили европското мислење во регионот. Особено ми се допаѓа проектот „Супер училишта“ на Канцеларијата за регионална младинска соработка. Размена меѓу ученички и ученици во регионот кои патуваат во други земји, се среќаваат и соработуваат и осознаваат дека другите и не се толку различни.

    На економски план уште во 2017 година се прифати првата Декларација за заеднички економски простор. Тоа продолжи во 2020 г. со Самитот во Софија под заедничко бугарско и македонско претседателство, и конечно минатата година во Берлин беа потпишани три важни спогодби за мобилност во регионот, слободно патување со лична карта, признавање на универзитетски дипломи и на професионални квалификации за лекари, стоматолози и архитекти. Тоа се први конкретни чекори кои водат до заеднички регионален пазар, кој ги олеснува кохезијата и напредокот кај ЕУ-интеграцијата. Тоа ќе донесе суштински економски пораст за регионот. Сега станува збор за тоа што поскоро да се ратификуваат овие спогодби, за навистина да стапат на сила.

    Друга важна тема на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин беше секако енергијата, енергетската транзиција и енергетската безбедност. И за нив се прифати Декларација дека спроведувањето на Зелената Агенда во регионот треба да се забрза, дека енергетската транзиција има приоритет и дека станува збор за напуштање на јагленот. Понатаму кризните мерки и тие за итен случај треба да се хармонизирани регионално како и усогласени со земјите-членки на ЕУ, и целосно да се искористат капацитетите за интерконективност на регионот. Земјите од Западен Балкан исто така беа поканети да се приклучат на енергетската платформа на Европската Унија за заедничко купување на гас, што дозволува пониски цени. Дополнително, германската Влада става на располагање, и тоа се навистина многу пари, за поддршка на буџетот во висина од половина милијарда евра за регионот. Освен тоа, преку Кредитната банка за обнова течат проекти во регионот со вкупна вредност од 2,2 милијарди евра. Дополнителна милијарда е планирана за различни донации и кредити до 2030 година.

    Министерката Бербок даде поттик за создавање на партнерство во соработка за регионалните сајбер-способностите. Токму минатите недели видовме колку е важно да се развијат вакви способности. Кога гледаме, дека не беше можно да се реагира на алармите за бомби, знаеме колку е важно да има напредок во оваа област.
    И за Канцеларијата за регионална младинска соработка ќе има нов младински културен фонд, кој ќе ја поддржи културната соработка во регионот.
  8. Германија наголемо го финансира развојот на „зелената енергија“ во нашата држава, а Владата тврди дека ќе бидеме лидер со обновлива енергија во регионот. Според вас, реално ли е тоа? Освен ветерници и сончеви колектори, каде гледате друг потенцијал во овој процес и гледате ли недостатоци?

    Северна Македонија е навистина добро позиционирана во однос на зелената енергија. Тука сонцето грее 300 дена во годината. Тоа е одличен предуслов за соларна енергија. Со Богданци Северна Македонија покажа дека ветерната енергија функционира на Западен Балкан. Тоа беше првот ветерен парк што воопшто се изгради и изградбата на ветерни паркови треба да продолжи. Ако се спроведе проектот од германската фирма Ветерен парк Германија (Windpark Deutschland wpd), тогаш речиси четвртина од струјата во земјата ќе доаѓа од ветерна енергија.

    Лично кај браните сум, искрено кажано, секогаш малку воздржана. Сметам дека браните имаат силно влијание врз животната средина. Мене лично одржувањето на животната средина ми е секогаш поважно од хидроенергијата. Знам дека има нужни ситуации, од кои не може да се оттргнете и понекогаш хидроенергијата има предност пред недопрената животна средина.
  9. Од Скопје ќе ја продолжите кариерата во Москва. Како вашиот мандат  овде во Македонија и на Балканот ќе ви го олесни седењето во таа „жешка фотелја„? 

    Министерството за надворешни работи ми ја додели одговорната задача да одам во Москва како заменик-амбасадор. Се радувам на овој голем предизвик во ова тешко геополитичко време. Со изборот на Александер Граф фон Ламбсдорф како иден германски амбасадор во Москва, покажуваме дека ја преземаме нашата геополитичка одговорност. Се радувам на соработката.

    Што ќе понесам од овде? За жал не мојот тим. Тука имав особено одличен тим. Токму локалните вработени се срцето и душата на секоја Амбасада и овде, во Северна Македонија, наидов на исклучително импресивен квалитет на локалните вработени. Би сакала уште еднаш срдечно да му се заблагодарам на целиот тим за две и пол години одлична соработка. Сигурна сум дека овој тим ќе ја поддржи следната германска амбасадорка подеднакво добро како што ме поддржуваше мене.

    Ќе понесам и многу трајни впечатоци, од прекрасните гостопримливи луѓе, од разноликата убава природа, од богатото културно наследство, доброто вино и најдобрите домати на светот, само за да наведам неколку примери. Ќе останат и некои нови пријателства. Овие убави впечатоци ќе помогнат да се остане храбар во тешки времиња.
Почеток на страницата