Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts

83 годишнина од Холокаустот на македонските Евреи

Artikel

Обраќање на амбасадорката  на СР Германија Петра Дрекслер по повод 83 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи на 11 март 2026 во кругот на поранешен „Монопол“ Скопје
 

(Обраќање до присутните)

Како претставничка на Германија и како Германка, многу сум трогната од поканата на Еврејската заедница да Ви се обратам денес и заедно со Вас да се сеќавам на Холокаустот на македонските Евреи.

Иако ова заедничко сеќавање веќе прерасна во традиција, тоа сепак останува трогателен момент. Бидејќи обемот на свирепост и бруталност што го претрпеа еврејските семејства од Битола, Скопје и Штип, во провизорниот логор за депортација во поранешен „Монопол“, и денес, 83 години подоцна, е сѐ уште непоимлив. За повеќето од нив тоа беше последната станица на патот кон нивното убивање во логорот на истребување Треблинка.

Злосторството на Холокаустот не започна во германските фабрики на смртта. Индустриското уништување беше кулминација на невидениот удар врз цивилизацијата. На почетокот беше, пред сѐ, бескрајната омраза, омразата на Хитлер кон еврејскиот живот. За омразата да се преточи во уништување, беа потребни алатки. Антисемитизмот, изолацијата, пропагандата, институционалниот расизам и општествената рамнодушност го трасираа патот кон уништувањето.

Кога се навраќаме на злоделата од Втората светска војна со нашето денешно знаење, тоа го правиме и со прашањето за историската одговорност. Во Германија до денес одекнува апелот на поранешниот сојузен претседател Рихард фон Вајцзекер, кој во 1985 година ја повика својата и мојата земја, Германија, да го прифати минатото. Тоа е апел кој повикува на одговорност и истовремено признава дека не постои ниту вина ниту невиност на цел народ: „Вината, како и невиноста, не е колективна, туку лична.“

Тоа не е оправдување. Напротив, тоа е апел до сите нас. Не смееме да го оставиме минатото да мирува. Мора да издржиме гледајќи во темните бездни на минатото со сите мрачни нешта кои со сигурност ги знаеме, но и со празнотијата, со непознатите нешта и отворените прашања, за кои до денес нема јасни одговори.

Нештата кои со сигурност ги знаеме е историската одговорност на нацистичка Германија за злосторствата кон човештвото од Холокаустот. Ја признаваме оваа одговорност знаејќи дека минатото не може да се преброди, бидејќи минатото не може да се занемари како да не се случило.

Да се прифати минатото значи да се признае дека сите ние сме погодени од неговите последици. Да се прифати минатото значи и да се одржи сеќавањето. Нашето сеќавање им го должиме на оние, чиишто гласови неповратно занемеа. Нашето сеќавање си го должиме и на нас, за да се заштитиме како луѓе од нашата подложност да го тргнеме погледот кога се случува нечовечност. И нашето сеќавање им го должиме на потомците кои никогаш нема да може да заборават, а меѓу нив има толку многу што ја подаваат раката за да ни дозволат да бидеме дел од нивното сеќавање.

Вие, драги членови на македонската еврејска заедница, припаѓате на оние кои ја подадоа својата рака. Вашата подадена рака, Вашата покана за учество во Вашето сеќавање како и во Вашата сегашност, во моментите на тага како и на Вашите прослави е подарок, чијашто непроценлива вредност едвај може да ja искажaм со зборови.

Денес стоејќи до Вас, се поклонувам со длабока почит пред мажите и жените, девојчињата и момчињата, жртви на злосторството на Холокаустот. Нивната судбина засекогаш ќе остане во сеќавањето на нас, Германците.

nach oben