Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts

Повик за проект за младинска размена

13.03.2023 - Текст

Дали сте раководител на училиште или младинска организација кои се ангажираат во областа на младинската размена? Дали сте заинтересирани за размена на млади луѓе помеѓу Северна Македонија и Германија?

Оваа година Сојузното министерство за надворешни работи финансира 3 младински средби меѓу Северна Македонија и Германија, со цел промовирање на меѓусебното разбирање, зајакнување на толеранцијата и надминување на предрасудите. Средбите меѓу германските и македонските младински групи може, по избор, да се одржат или во Германија или во Северна Македонија.

Услови за учество

  • Младинска група со млади луѓе на возраст од 12 до максимум 30 години, со вообичаен престој во Северна Македонија, односно Германија (забелешка: при средби на ученици проектот е јавно распишан и не е ограничен само на учесници од едно одделение, учеството е доброволно и не се оценува)
  • Учесниците реализираат проект од областа на одржливоста/животната средина или родовата еднаквост заедно со нивниот партнер за размена и преземаат активна улога во подготовката и спроведувањето на проектот.
  • Раководителот на училиштето или младинска организација го спроведува проектот што треба да се финансира, се грижи за пристигнувањето, престојот и враќањето на младинската група на своја лична одговорност, и назначува одговорно лице за тоа. Учесниците се придржуваат до релевантните прописи за влез и престој во целната земја, имаат целосно осигурување за времетраењето на целиот престој во целната земја (здравствено осигурување, осигурување во случај на незгода, осигурување од одговорност за штета на трети лица). Исклучена е одговорност на Сојузното министерство за надворешни работи или Амбасадата во Скопје за настаната штета поврзана со спроведувањето на проектот.
  • Аргументиран опис на проектот, не подолг од 1 страница и листа на очекуваните трошоци.

Кои трошоци може да се покријат?

Вкупно може да се финансираат 3 младински средби, со финансиска поддршка до 15.000,00 евра за секоја средба. Од овие средства може да се надоместат трошоците за патување и сместување како и трошоците за проектот (на пр. проектен материјал), врз основа на докази. Надвор од овие наменско обезбедени средства, Сојузното министерство за надворешни работи или Амбасадата не можат да преземат дополнителни трошоци во врска со проектот што треба да се финансира. Трошоци за лични потреби, храна и пијалок, осигурувања, џепарлак итн. не може да бидат покриени и мора да бидат преземени од страна на самите учесници.

Рокови

Предлозите за проекти, треба да се испратат исклучиво по мејл на: presse.skopje@gmail.com до 31.03.2023 година. Младинските средби може да се одржат во временскиот период помеѓу 01.07.2023 и 30.09.2023 година.

Почеток на страницата