Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts
Активно да се поддржи Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија
Барање на пратеничките групи на СПД, Сојуз 90/Зелените и ФДП
Германскиот Бундестаг да одлучи:
I. Германскиот Бундестаг констатира:
Годината 2023 е одлучувачка година за европската иднина на Северна Македонија. Германија стои цврсто зад европската перспектива на Северна Македонија и решително ја поддржува земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија.
Во септември 1991 г. Северна Македонија ја прогласи својата независност. Пред 30 години следеше признавање на младата држава од Сојузна Република Германија и воспоставување дипломатски односи. Во следните години се развија исклучително цврсти и добри односи меѓу Северна Македонија и Германија. Односите се разновидни и не се карактеризираат само со безбројни лични односи меѓу луѓето од двете држави. Со децении постои развиена, блиска и партнерска соработка меѓу Северна Македонија и Германија во економијата, културата, науката и граѓанското општество.
Од 15 декември 2005 г. Северна Македонија има статус на официјален кандидат за членство. Една година претходно, на 1 април 2004 г. стапи на сила Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Од декември 2009 граѓаните на Северна Македонија може да патуваат без виза во ЕУ.
Северна Македонија во изминатите две децении помина низ различни фази, во кои се закануваше делумно да се изгуби јасната ориентација за приближување кон ЕУ и нејзините вредности. Изминатите години земјата се врати кон реалистичен и амбициозен евро-атлантски курс и реформски процес.
На 1 август 2017 се потпиша Договорот за добрососедство со Бугарија, на 17 јуни 2018 се склучи Преспанскиот договор со Грција за решавање на спорот со името. На 27 март 2020 следеше приемот во одбранбениот сојуз НАТО (North Atlantic Treaty Organization). Оттогаш, приоритетна надворешно-политичка цел на Северна Македонија е и останува да биде членството во ЕУ.
Приемот на Северна Македонија во ЕУ е од взаемен интерес. Успешен пат кон приемот во ЕУ содржи далекусежно симболично влијание за целиот регион. Северна Македонија е пример за мултиетницизам. Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Во Европската Унија, којашто се одликува со голема разноликост на јазици и култури, јазиците се суштински составен дел од нашето заедничко културно наследство. Jазичната разноликост се применува во повеќејазичноста во програмите и во работата на институциите. Македонскиот јазик и култура дополнително ќе го збогатат ова различје. Да се сочува и заштити ова богатство, Европската Унија го разбира како една од нејзините најважни задачи.
Клучно за идниот успех на пристапниот процес сега е надминувањето на одолговлекувањето на пристапните преговори со ЕУ по потпишувањето на Преспанскиот договор. За кратко време постигнатото потпишување на овој билатерален договор за решавање на спорот со името по долготрајни преговори со посредство на ОН, ги нагласи волјата и подготвеноста на Владата на Северна Македонија за евроатлантските интеграции и ги отвори перспективите за брз почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Германскиот Бундестаг очекува од двете страни целосно спроведување на Преспанскиот договор. Нов предизвик од пред три години претставува оптоварувањето на пристапниот процес на Северна Македонија со билатерални прашања со соседна Бугарија, кое на крајот доведе до предвремени нови избори на 15 јули 2020 и го доведе во прашање кредибилитетот на Европската Унија и на целиот процес на проширување кај населението, во регионот и кај другите држави со волја за прием. И покрај различните обиди на двете страни и помошта од поединечни земји-членки на ЕУ, досега не можеа целосно да се надминат овие разлики.
Германскиот Бундестаг ја гледа опасноста дека досегашниот процес на проширување на ЕУ одново би можел да запре поради билатерални конфликти. Иако, првата меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија се одржа на 19 јули 2022 г., моментално сè уште не се отворени пристапни поглавја со Северна Македонија. Согласно компромисот на Советот со Северна Македонија постигнат летото 2022 г., предуслов за сите понатамошни чекори на интеграција е уставна промена, која предвидува вклучување на бугарската заедница покрај другите веќе наведени заедници во уставот на Северна Македонија, за што е потребно двотретинско мнозинство во Собранието на Северна Македонија.
Германскиот Бундестаг смета дека би требало да се преземат сите напори за брзо изнаоѓање на решение за создавање на предуслови за следниот чекор во пристапниот процес на Северна Македонија. Германскиот Бундестаг ги поздравува обидите на двете влади во Скопје и Софија за зајакнување на соработката во различни области од културата и економијата, за прагматично да се интензивира процесот на приближувањето.
Руската агресија врз Украина, која е спротивна на меѓународното право, Северна Македонија јасно ја осуди уште од самиот почеток и во руската инвазија гледа тешка повреда на меѓународно-правните основни начела исто како и земјите-членки на Европската Унија и други држави од регионот. Притоа, Северна Македонија им се приклучи на сите рестриктивни мерки на ЕУ против Русија и навреме ѝ испорача воена опрема на Украина. И со тоа државата одново ги нагласува нејзините доверливост и подготвеност брзо да ги исполни целите на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ како и меѓународните обврски. На една меѓувладина конференција, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската Комисија, Јозеф Борел нагласи: „Северна Македонија е веќе 100 проценти насочена кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“. (https://www.euractiv.de/section/eu-aussenpolitik/news/nordmazedonien-zeigt-sich-bei-eu-mitgliedschaft-zuversichtlich/).
Северна Македонија продолжува со оваа надворешно-политичка ориентација како актуелен претседавач на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Северна Македонија ја презеде функцијата во едно време кое за ОБСЕ е критично и со поглед кон иднината. Во германски и европски интерес е да се поддржи Владата во Скопје според можностите, за да може претседателството со ОБСЕ 2023 да заврши успешно.
Извештајот на Европската Комисија за земјата објавен во октомври 2022. г во рамките на пакетот на проширување на ЕУ, на Северна Македонија во целина ѝ потврдува добар напредок во клучните области. Внатреполитички Владата на Северна Македонија мора да ги придвижи нужно потребните реформи во сензибилните области, во борбата против корупцијата и зајакнувањето на довербата во правосудството како и при создавањето на поголема транспарентност во процесите на избор и именување на важни функции во јавната администрација. Ефективната борба против организираниот криминал и трговијата со дрога и борбата против прекуграничниот криминал на криумчарење на мигранти за да се намали нелегалната миграција треба да се позиционира во согласност со европските партнери. Со работата на Фондацијата за меѓународна правна соработка Германија го поддржува потребниот реформски процес во земјата. Оваа важна работа треба континуирано да продолжи.
И корона-пандемијата и руската агресија врз Украина, која е спротивна на меѓународното право, ја заострија еконoмската и социјалната состојба на луѓето во Северна Македонија, особено во изминатите две години. Пораснатите цени на енергијата и прехранбените производи ја зголемија годишната инфлација на 18,7 проценти во септември 2022. Дотогаш речиси комплетната зависност од испораките на руски гас ја предочи нужноста за што поскора диверзификација на увозите на енергија. Ветените 80 милиони евра од Европската Комисија за непосредна поддршка на буџетот за справување со последиците од високите енергетски цени се од огромно значење.
Во оваа тешка ситуација и партиите на власт и тие во опозиција во Северна Македонија носат голема одговорност за зачувување на социјалниот мир и продолжување на демократскиот реформски ориентиран курс. Тие се клучни за патот во ЕУ и се и во интерес на Германија.
Германија е најзначајниот трговски партнер за Северна Македонија. Трговската размена од јануари до октомври 2022 изнесуваше вкупно 3,6 милијарди евра, особено поради многубројните автомобилски добавувачи, кои успешно работат во Северна Македонија. Од 1992 г. Германија во областа на економската соработка и развој спаѓа во најважните партнери на Северна Македонија. Добрите и интензивни политички контакти меѓу Германија и Северна Македонија мора да се негуваат и понатаму. Германија мора да го искористи својот голем углед во регионот за да ја поддржи европската иднина на државата и да придонесе со конкретни мерки и иницијативи за унапредување на довербата во ЕУ.
II. Германскиот Бундестаг ја повикува Сојузната влада во рамките на средствата од буџетот што стојат на располагање:
- Да ја охрабри Северна Македонија да ги преземе сите напори за да ги создаде предусловите за отворање на првите пристапните кластери, пред сè, спроведувањето на компромисите од летото 2022 г.
- И понатаму интензивно да го поддржи реформскиот процес за прилагодување на законодавството на земјата кон правото на ЕУ.
- И понатаму билатерално и во Советот на ЕУ енергично да се залага за отворање на првите пристапни кластери со Северна Македонија и да укаже на досега невидена подготвеност на земјата за евроинтеграции, што служи како пример за целиот регион.
- Да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Северна Македонија кон ЕУ во рамките на компромисот што е постигнат со Советот и да отстапи од други услови што ја надминуваат таа рамка.
- Конструктивно да ги придружува напорите на Владата на Северна Македонија во областа: реформи во правосудството, администрацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал како и зајакнување на владеењето на правото.
- Освен тоа, на европско ниво да се залага за примена на процесот за пристапни преговори, модернизиран во 2020 година, со кој треба да се овозможи учество во атрактивни меѓучекори.
- Да ги поттикне промените на изборниот законик, препорачани од ОБСЕ/ОДХР и Венецијанската комисија на Советот на Европа, како и реформата на Собранието во рамките на дијалогот Жан-Моне.
- Да провери како може со Северна Македонија како дел од балканската рута и транзит-земја на прекуграничните мрежи на криумчарење на мигранти да се прошири оперативната соработка и техничката помош во областа на полициската работа со почитување на стандардите за човекови права и право за азил и како може да се унапредат мерките за едукација и модернизација на вооружените сили на Северна Македонија.
- Да поддржи мерки за прифаќање и дијалог меѓу различните групи на население во Северна Македонија како и правата за заштита на малцинствата, на ЛГБТ-заедницата како и на луѓето со попреченост.
- Да продолжи да ги надградува постоечките иницијативи за стручно образование, за да делува посебно против масовното исселување на стручните лица.
- Да ја прошири работата на културните, образовните, истражувачките и иновативно-политичките програми, за да ги интензивира односите со луѓето во Северна Македонија на основа на заеднички споделените европски вредности.
- Да го надгради дијалогот на европско ниво меѓу Европското јавно обвинителство и службите за истрага во Северна Македонија.
- На европско ниво да влијае во правец на зголемување и диверзификација на енергетската безбедност и енергетскиот микс на земјата со проширување на конективноста со соседните држави и регенеративните енергии.
Берлин, XX.YY.2023
д-р Ролф Митцених и пратеничка група
Катарина Дреге, Брита Хаселман и пратеничка група
Кристиан Дир и пратеничка група