Добредојдовте на веб-страницата на Министерство за надворешни работи

Говорот на Амбасадорката по повод Денот на германското единство 2026 г.

06.10.2026 - Текст

Северна Македонија и Германија - партнерство што обликува, опстојува и што нè води заедно напред како дел од силна Европа. 

Дами и господа,

Ако се осврнеме на изминатата година, преовладува едно сознание: сè уште живееме во неизвесни времиња. Сигурностите што ги сметавме за загарантирани, се разнишаа. Нашите политички пејсажи се менуваат. Се појавија нови моменти на несигурност. Ова важи и за Германија. 

Сепак, некои сигурности опстојуваат. За Германија тоа е способноста за совладување на предизвиците во рамките на стабилна правна рамка како и способноста за рефлектирање и активно негување на нашата демократија. За Германија и за нашиот однос кон Северна Македонија тоа е цврстото втемелување во нашите европски врски. 

Но, сепак, постои противречност во начинот на кој денес гледаме на светот. Тоа дека времињата се несигурни, се чини дека во меѓувреме стана една од малкуте сигурности. Научивме да го опишуваме светот како „несигурен“ и тоа го правиме со речиси веќе автоматизирана сигурност која прави да веруваме дека и покрај сè сме го разбрале светот.  

Писателот Влада Урошевиќ ja доловува оваа спротивност на еден многу шармантен начин. За еден од своите романи тој прво вели дека ја измислил целата приказна. Но, со текот на времето се случиле нешта што го натерале да се посомнева дали приказната за од него измисленото семејство, за еден аптекар, и за една куќа на Вардар навистина е фикција, или, пак, можеби сепак е вистина. За да ја вгради својата фантазија што е можно подобро во реалноста, тој имено ѝ се јавил на една познаничка и ѝ ја раскажал „измислената“ приказна. Нејзиниот одговор едноставно гласел; да, го знам семејството, го знам аптекарот, а исто така и куќата. 
Писателот од ова извлекол јасна поука. Не можеме никогаш да бидеме сигурни каде точно минува границата меѓу нашата фантазија и вистинитата вистина. 

Се соочуваме и со спротивставениот проблем. Се губиме во сопствениот наратив и ризикуваме да ја помешаме нашата фантазија со реалноста. Можеби ова е потребната опомена за нашето време, си вообразуваме дека ја имаме комплетната слика, додека всушност го гледаме одразот на сопствените уверувања. 

Еден начин да излеземе успешно од сопствените ехо-комори е да го погледнеме светот со очите на другиот. 
Оттука почнува партнерството. 
Во едно партнерство не станува збор за тоа да се имаат исти одговори, станува збор за храброста за заедничко соочување со несигурноста и преземање на заедничка одговорност за сè она што ќе дојде. 
Но, внимание: ако го прифатиме концептот за несигурноста, тогаш истото важи и за идејата за самото партнерство.
Ниедно партнерство не се подразбира само по себе. Нашето не е исклучок. 

Сè она што е наменето да опстои бара луѓе кои се подготвени да преземат одговорност за тоа. 
За мене вистинското партнерство се заснова на доверба. Довербата не е чувство. Довербата е одлука. Тоа е одлуката да се подаде рака дури и кога резултатот не е загарантиран.  Тоа е одлуката да се впуштите во заедничко, на моменти тешко патување, знаејќи дека резултатот зависи од двете страни.  
Тоа, пак, од своја страна бара способност за надеж. 

Некои од Вас можеби токму сега се смешкаат во себе за зборот „надеж“. Можеби сметате дека политичките сојузи, конципирани како тактички инструменти, се посоодветни за несигурни времиња. Гледано од таа перспектива, поимот „надеж“ делува речиси анахроно. 

Но, надежта не е наивен оптимизам кој се базира на тоа дека сè ќе излезе добро. Ја преферирам перспективата на германскиот филозоф Ернст Блох: неговата „конкретна утопија“ ја дефинира надежта како способност за дејствување. Тоа тогаш води до политика на можности, можности веќе дадени во сегашноста, но стануваат реалност дури преку дејствувањето. Во текот на својот живот Блох одново и одново морал да искуси дека иднината е поинаква од очекуваното. Но, до крај опстоил на тоа дека историјата сè уште не е завршена. 

А кога станува збор за можностите: во текот на денов научивме дека иднината навистина се обликува токму сега. Веста дека германски научници, заедно со еден американски колега, ја добија Нобеловата награда за медицина, е прекрасен пример за тоа. Продорите во оптогенетиката можеби изгледале како научна фантастика пред само неколку години, а сепак, денес ни овозможуваат да го мапираме живиот мозок и да им го вратиме видот на слепите лица. Тоа докажува дека „невозможното“ може да се постигне кога љубопитноста и упорноста ги надминуваат границите.

Оној кој ќе препознае можност за успех во недовршеното, тој ќе најде поттик за дејствување. 
Ја имаме ли во овие несигурни времиња сè уште силата заедно да ги земеме нештата во свои раце? Дали сме способни заедно да ги обликуваме нештата?

Можеби одговорот не треба да го бараме само во владините згради туку во динамичната практика на нашите општества. Тука гледаме волја за обликување на нашата иднина, во академската екселенција, како на пример во основањето на Центарот за германско право на УКИМ во Скопје, кој покажува дека сакаме да ги хармонизираме нашите правни култури. 
Ја слушаме во музиката на Младинскиот оркестар на Западен Балкан, во кој млади луѓе покажуваат дека може да има хармонија дури и кога глобалниот политички свет звучи дисонантно. 

Ја чувствуваме во топлината на германскиот божиќен базар во Прилеп или во средбите на Германско-македонското друштво на пријателство. 
Ја чувствуваме во ентузијазмот на младите луѓе кои се враќаат од програмите за размена и во алумни-мрежите за продолжување на соработката. 
И ја мериме според видливата динамика, кога се сретнуваат повеќе од 400 претставници од стопанството на Германско-македонскиот бизнис самит.

Постојат уште многу примери што потврдуваат дека можеме да се потпреме на енормната сила на индивидуалната иницијатива за дејствување, сила што ги поставува нашите односи на здрава основа што е поотпорна од секој договор. Луѓето се тие што ги обликуваат нашите односи, преземајќи ја водечката улога. 
Оваа енергија треба да ни биде поттик. 

Дами и господа,

Повторното обединување на Германија на 3 октомври 1990 година беше повеќе од политички акт. Toa беше резултат на неверојатната доверба. Беше триумф на надежта за навидум невозможното. Со повторното обединување се докажа дека визијата што во моментот на изговарање се чини утописка, може да стане реалност преку заедничка храброст и волја за дејствување. Беа потребни повеќе од 40 години, и во голем дел од тоа време оваа утопија се чинеше недостижна.

Како Германка која пораснала во ГДР одвај можам да ја искажам со зборови мојата благодарност кон архитектите на нашето повторно обединување. Нивната храброст ја направи утопијата за обединета Германија да стане моја реалност. Не би можела да стојам денес тука пред Вас, ако тие не тргнаа по тој пат.

Денес, гледајќи наназад, повторното обединување ни се чини речиси неминовно, но во тоа време беше пат кон длабока несигурност.
Јасно е дека и Европската унија може да се заокружи. Не некогаш, не во далечна иднина туку утре.
Во наши раце е. Сè што ни е потребно е храброст да тргнеме по тој пат.

Да продолжиме да ја пишуваме приказната на Европа како практика на споделена одговорност. Северна Македонија и Германија, во партнерство што обликува, опстојува и што нè води заедно напред како дел од силна Европа. 

Почеток на страницата