Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts

Постапка на поднесување барање за виза

28.10.2021 - Текст

Овде ќе ги најдете сите информации во врска со постапката на поднесување барање за виза

Подготвување на барањето за виза

Пополнете го образецот за барање на национална виза целосно и точно со латинични букви (на германски или англиски јазик). Можете да изберете помеѓу VIDEX-образец (германски или англиски) или образец за барање на национална виза за симнување германски/англискигермански/македонски или германски/албански. Доколку сте во можност, пополнете ги сите потребни обрасци и формулари (образец за барање на национална виза и формулар за дополнителни информации за достапност) онлајн на компјутер.

Нечитко или нецелосно пополнети формулари не можат да се прифатат од визниот оддел.

Потребните документи за Вашето барање за виза се наведени во информативните листови во делот Категории на визи, во зависност од целта на Вашето патување. Користете го соодветниот информативен лист во зависност од Вашата цел на патување како список за проверка (чек листа) за целосно да ги подготвите документите за барањето за виза. Внимателно прочитајте го информативниот лист за Вашето барање за виза, комплетно соберете ги сите наведени документи ПРЕД да поднесете барање за виза и со Вас понесете го отпечатен и потпишан информативниот лист, заедно со сите документи што Ви се потребни за да поднесете барање за виза.

Ве молиме имајте во предвид дека регистрацијата на листата за чекање за термин сé уште не претставува поднесување на барање за виза.

Интервју во визниот оддел

На барателите на виза кои во амбасадата доаѓаат без потврден термин, со погрешен термин за друга цел на престој или со нецелосни документи за барање за виза, нема да им биде дозволен пристап до визниот оддел.

Ве молиме, на закажаниот термин да ја понесете потврдата за термин и Вашиот пасош, кој е внесен во системот за регистрацијата на термин. Доколку бројот на пасошот на закажаниот термин не се совпаѓа со бројот наведен при регистрацијата на термин, нема да Ви биде дозволен влез во визниот оддел и ќе треба да се регистрирате за нов термин. Доколку по регистрацијата за термин Ви е издаден нов пасош, понесете го стариот и новиот пасош.

Поднесување на барање за виза

При поднесување на барањето за виза потребно е сите документи наведени во нашите информативни листови да ги доставите во оригинал со 2 копии.

Ве молиме, подредете ги документите како што е наведено во информативните листови.

Вработените во визниот оддел ќе го примат Вашето барање и ќе ги внесат Вашите податоци во системот. Таксата за апликацијата се плаќа во евра во готово на шалтер. Амбасадата прифаќа такса за апликација само во ЕВРА. Таксата за апликацијата пожелно е да се плати во точен износ, затоа што ситни пари се достапни само во ограничен број.

Плаќање со платежни картички за жал не е можно.

Без разлика на исходот на Вашето барање за виза, таксата за апликацијата нема да биде надоместена.

Постапка по поднесување на барањето за виза

Ако барањето е правилно поднесено и сите документи се доставени во целост, следува обработка од страна на одлучувач. По правило, барањата за национална виза можат да се одобрат само со вклучување на германски служби и со нивна согласност. Барањата за визи се испраќаат до надлежните германски служби за понатамошна обработка. Службите проверуваат дали Вашето барање за виза ги исполнува правните предуслови. Доколку за време на постапката се потребни дополнителни документи, истите со електронска пошта ќе бидат побарани од Вас.

Ве молиме за разбирање дека прашања за статусот на Вашето барање за време на обработката нема да бидат одговорени во текот на првиот месец по поднесување на барањето за виза. Исто така важи: одговор ќе добие само подносителот лично, неговиот законски застапник или од него писмено овластено лице.

Издавање на виза / одбивање на барањето за виза

Веднаш штом ќе се одлучи по вашето барање, ќе добиете известување преку електронска пошта.

Доколку Вашиот пасош од моментот на поднесување на барањето за виза е задржан во амбасада, ќе Ви се испрати известување преку електронска пошта за подигање на пасошот, Ве молиме запазете ги термините за подигање на пасоши.

Доколку Вашиот пасош не е задржан во амбасадата, ќе Ви се испрати известување за доставување на истиот во визниот оддел. Амбасадата преку електронска пошта ќе Ве исвести за денот и часот за доставување на пасошот во визниот оддел.

Ве молиме доставете го Вашиот пасош во точно определеното време во визниот оддел и доставете ја сметката со бар кодот која Ви е дадена при поднесување на барањето за виза.

Пасоши можат да се подигнат истиот ден од понеделник до четврток од 15:00 до 16:00 часот. Доколку по поднесување на барањето за виза Ви е издаден нов пасош, визата може да се додели следниот работен ден.

Доколку Вашето барање за виза е одбиено, известувањето за одбивање ќе Ви се испрати по електронска пошта. Ве молиме, редовно проверувајте ја вашата СПАМ-папка. Ве молиме внимателно прочитајте го известувањето за одбивање на барањето за виза. Ако не се согласувате со одлуката, можете да поднесете жалба за повторно разгледување на Вашето барање во рамките на постапката за ремонстрација/жалба.


Почеток на страницата