Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts
Чести прашања на тема виза
Ве молиме, пред да нè контактирате преку формуларот за контакт, да го побарате одговорот на Вашето прашање во прашањата и одговорите подолу. Визниот оддел замолува за разбирање дека прашања што сè веќе одговорени во FAQ, не може да бидат уште еднаш индивидуално одговорени.
Регистрација на термин
FAQ
За поднесување на барање за национална виза потребен Ви е термин.
Доколку сакате да поднесете барање за шенген виза, може да го поднесете од понеделник до четврток од 08:00 до 09:00 часот без претходно закажан термин.
Детални информации за регистрација на термин за виза за долгорочен престој ќе најдете тука.
Регистрацијата за термин за приклучување кон семејството се одвива преку порталот за термини на Амбасадата.
Ве молиме имајте предвид дека секој член на семејството треба да се регистрира за да добие посебен термин. Ова важи и за малолетните деца. Секој барател на виза треба лично да биде присутен на денот на поднесување на барањето за виза.
Термините за поднесување на барање за виза во рамките на таканаречената Регулатива за Западен Балкан се поднесуваат директно кај нашиот официјален понудувач на услуги ВизаМетрик. Подетални информации за постапката ќе најдете тука.
Моментално не постои време на чекање. Можете директно да резервирате термин.
За жал не е можна дополнителна промена на основните податоци што сте ги внеле при регистрацијата. Затоа, кога ќе се регистрирате треба со најголемо внимание да ги внесувате податоците и до завршување на постапката за виза да ги зачувате непроменети Вашата електронска пошта (мејл) и лозинката за пристап.
Ве молиме, доколку сте внеле погрешни податоци, сторнирајте ја Вашата погрешна регистрација преку линкот кој Ви е пратен во потврдата за успешна регистрација и регистрирајте се одново со точни податоци.
Доколку немате веќе пристап до мејлот со потврда за успешна регистрација, испратете ни ги следниве податоци на konsulat@skop.diplo.de:
- Име и презиме
- Копија од пасош
- Регистарски број
Ние ќе ја сторнираме Вашата регистрација. Ќе добиете известување по е-пошта и потоа ќе можете одново да се регистрирате.
Ве молиме прво да го проверите Вашето СПАМ-сандаче и погрижете се мејловите што се класифицирани како СПАМ дека нема да бидат автоматски избришани. Доколку мејлот за успешна регистрација не се наоѓа таму, веројатно погрешно сте ја запишале Вашата е-пошта (и-мејл).
Во овој случај мора да се регистрирате одново со валидна е-пошта. За да го направите тоа, потребно е да се сторнира старата регистрација со погрешната е-пошта. (Види прашање: Немам пристап до мојот мејл со потврда за успешна регистрација, што можам да направам?)
Ве молиме регистрирајте се сами за термин во Амбасадата. Регистрацијата е бесплатна и лесна.
Резервација на термин од страна на трети лица не е потребна и е бесмислена. Амбасадата не соработува со туристички агенции, адвокатски канцеларии или други комерцијални или приватни агенции, тие не уживаат никакви привилегии.
Амбасадата соработува само со фирмата ВизаМетрик како единствен официјален понудувач на услуги за поднесување на барања за виза за следниве категории: деташирани работници, работа на речни бродови и крузери, професионални возачи и барања за виза според таканаречената Регулатива за Западен Балкан.
Ако сте го пропуштиле Вашиот термин, може да се регистрирате за нов термин, види „Како да резервирам термин?“
Поднесување на барање
FAQ
На терминот носете ги следниве документи:
- пополнет и потпишан формулар за поднесување на барање
- сите документи што се наведени во соодветниот информативен лист (во даден случај во оригинал) со по една копија
- такса за виза согласно информативниот лист
Изберете го соодветниот информативен лист во категоријата Визи и влез што одговара на Вашата цел на патување и соберете ги во целост документите што се таму наведени.
Ве молиме имајте предвид дека само комплетно пополнети барања со приложување на сите документи наведени во информативниот лист може да бидат обработени. Нецелосни барања може да доведат до тоа барањето да биде одбиено, и исклучена е можноста за поврат на таксата за виза.
За некои категории за барања може да се поднесе барање преку порталот за дигитално поднесување на барања. Откако Вашето онлајн поднесено барање ќе биде проверено, кога ќе дојдете на терминот треба да ги донесете само документите во оригинал, да ги предадете Вашите биометриски податоци и да ја платите таксата за виза.
Ве молиме пополнете ги формуларите за барање за виза онлајн и донесете ги во печатена форма.
Тука може да ги пополните барањата за национална виза.
Тука може да ги пополните барањата за шенген виза.
Ако поднесувате барање преку порталот за дигитално поднесување на барања, тогаш формуларот за поднесување на барање може да го поднесете директно во порталот за дигитално поднесување на барања.
Барањето може да се поднесе само лично (или во Визниот оддел на германската Амбасада во Скопје или кај нашиот екстерен понудувач на услуги ВизаМетрик). Постои можност да се поднесе барање по електронски пат преку порталот за дигитално поднесување на барања за одредена категорија на барање, но тоа не е замена за личното присуство за земање на биометриски податоци подоцна и плаќање на визната такса. Исклучоци не постојат. Испратените документи ќе бидат уништени без да се испратат дополнителни информации до испраќачот.
Таксата за поднесување на барање за шенген виза (престој под 90 дена) изнесува 90,00 евра. За малолетни деца таксата изнесува 45,00 евра. За деца до 6 години поднесувањето на барањето е бесплатно.
Таксата за национални визи (престој над 90 дена) изнесува 75,00 евра. За малолетни лица таксата изнесува 40,00 евра.
Визните такси се плаќаат во евра со банкноти или кредитна картичка директно во Визниот оддел при поднесување на барањето за виза.
Ако поднесувате барање преку ВизаМетрик, визната такса и дополнителната такса за обработка ги плаќате директно кај ВизаМетрик. Дополнително може доброволно да користите и други услуги со плаќање на надомест.
Македонските државјани може да поднесат барање за виза во германската Амбасада во Скопје, само ако нивното постојано живеалиште е во Северна Македонија. Ако Вашето место на живеење е во Германија (на пр. и во случај на толериран престој), тогаш надлежна е Службата за странци и во тој случај не може да се издаде виза за влез во земјата. Ако Вашето место на живеење е во друга земја, обратете се на германското претставништво во таа земја.
Државјани од други земји може да поднесат барање за виза во Визниот оддел на германската Амбасада во Скопје само ако располагаат со валидна дозвола за престој во Северна Македонија.
Во зависност од категоријата за виза, Вашето барање за виза може да го поднесете или:
- кај нашиот екстернен понудувач на услуги ВизаМетрик
- во Визниот оддел на германската Амбасада во Скопје
- онлајн преку порталот за дигитално поднесување на барања (тоа не е замена за лично присуство за земање на биометриски податоци и уплата на визната такса)
За тоа како може да резервирате термин и да поднесете барање, прочитајте во соодветниот информативен лист.
Обработка на барањето
FAQ
Доколку ги доставите сите документи во целост и во потребната форма, тогаш времето за обработка на Вашата апликација значително ќе се намали.
Амбасадата не може однапред прецизно да Ве информира колку време ќе трае обработката, бидејќи тоа зависи од повеќе фактори: од комплетноста на приложените документи, Вашите претходни престои во Германија или други држави од шенген-зоната, како и од потребата за вклучување на други служби во Германија (Служба за странци, Сојузна агенција за вработување).
Стандардното време на обработка кај националните визи трае околу 8-12 недели. Ве молиме воздржете се од прашања пред истекот на овој период.
Стандардното време на обработка кај шенген визите трае 1-2 недели. Ве молиме воздржете се од прашања пред истекот на овој период.
Ве молиме за разбирање дека нема да се одговараат прашања за статусот на Вашето барање начелно во првите 12 недели по поднесувањето на барањето за виза. Исто така важи: одговор ќе добие само подносителот лично, неговиот законски застапник или од него писмено овластено лице. Прашањето за статусот на барањето може да биде одговорено само со испраќање на името, презимето и датумот на раѓање на подносителот на барањето.
Поради заштита на податоците не можеме да дадеме никакви информации за статусот на барањето за виза на трети лица без соодветно овластување. Информации за статусот на барањето ќе може да добие само подносителот на виза и лицата кои можат да докажат дека имаат писмено овластување.
Испратете ни ги само документите што се побарани од Вас во постапката за виза. Документите што не се побарани ќе бидат уништени или избришани. Тие не можат да се чуваат за подоцнежни постапки за виза.
Ќе Ве известиме или при поднесување на барањето или по и-мејл дали документите што се дополнително побарани треба да се достават лично или преку е-пошта.
Против одбивањето на Вашето барање за виза може да реагирате правно со тоа што ќе поднесете жалба во Управниот суд Берлин во Германија. Тоа треба да е на германски јазик и повлекува судски трошоци. Секако дека и по одбивањето, имате право одново да поднесете барање за виза.
Додека се обработува барањето за виза и понатаму може да се патува, сè додека се почитува одредбата за престој од максимум 90 дена во рок од 180 дена и не постои забрана за патување.
Друго
FAQ
Националната виза што сте ја добиле од Амбасадата, се продолжува во Германија во надлежната Служба за странци на градската или окружната управа. За таа цел мора навреме да се пријавите во Службата за странци, најдобро веднаш откако ќе влезете во земјата.
Доколку сте ја изгубиле Вашата валидна дозвола за престој или нејзината важност истекла неодамна, а се наоѓате моментално во Северна Македонија, може да поднесете барање за виза за повторен влез (Wiedereinreise). За таа цел можете директно да резервирате термин на следниов линк. Во итни случаи, испратете го Вашиот референтен број, копија од дозволата за престој, пријава за местото на живеење и во идеален случај предодобрение (Vorabzustimmung) од Службата за странци во Германија на konsulat@skop.diplo.de, за да може да се забрза постапката. Дополнителни информации може да најдете во соодветниот информативен лист.
Вашето излегување од Сојузна Република Германија може да го потврдите така што лично ќе го предадете документот, потврдата за преминување на граница во Визниот оддел, секој работен ден од понеделник до четврток од 14:00 до 15:00 часот (без закажување на термин).
За тоа потребни Ви се:
- потврда за преминување на граница
- пасош во оригинал и копија од страната каде што е сликата
- копија од печатот при излез од земјата во пасошот
Доколку не поседувате никаква потврда за преминување на границата, тогаш Амбасадата може да Ви издаде конзуларна потврда за која се плаќа надомест.
Подетални информации може да најдете на следниот линк.
Влезот во Германија мора да следи колку што е можно порано и без одолговлекување без причина. Имајте предвид дека мора навреме да се пријавите кај надлежната служба во Германија.
За македонски државјани начелно не треба доказ за здравствено осигурување кога ќе се поднесе барање за национална виза. Службата за странци е таа која бара да се приложи валидно здравствено осигурување за да се продолжи визата. Осигурувањето може да го склучите или кај некое германско осигурително друштво или со приложување на македонско здравствено осигурување преку билатералната Спогодба за социјално осигурување.
Основните средства за живот ги проверува начелно Службата за странци. Во секој случај има категории на визи кај кои е потребен доказ уште при поднесување на барањето за виза. На кој случај ова се однесува, може да се види во соодветниот информативен лист.
При поднесување на барањето за виза преку разговор се проверува дали моменталното ниво на познавање на јазик одговара со постигнатото ниво од приложениот јазичен сертификат. Јазичниот сертификат во постапката за виза се признава само ако не е постар од една година во моментот на поднесување на барањето.
Јазичниот сертификат треба да се приложи во оригинал и една копија.
Детални информации за доказ за јазични познавања во визната постапка ќе најдете овде.
Блокираната сметка служи како доказ дека располагате со доволно средства за Вашиот престој во Германија. Основните средства за егзистенција во визната постапка можат да се докажат со отворање на „блокирана сметка“ (Sperrkonto). Имате слобода во изборот на банката односно понудувачот на таа услуга. Детални информации за отворање на „блокирана сметка“ во Германија можете да најдете на веб-страницата на Mинистерството за надворешни работи на Германија.
Ако подносителот на барањето не располага со доволно финансиски средства, тогаш може некое лице што живее во Германија, тоа може да е роднина, познаник или некоја фирма т.е. институција да се обврзе да ја преземе финансиската сигурност. Ова лице или организација мора да е во состојба да докаже дека има средства за да ги покрие основните трошоци за живот. Ова преземање на обврска треба да биде во форма на таканаречено гарантно писмо. Гарантното писмо се издава по правило од Службата за странци т.е. од надлежната служба во местото на живеење во Германија.
Македонските државјани може да престојуваат без виза до 90 дена во 180 дена во шенген зоната. При секој влез се прави проверка на граница, колку долго сте се задржале во изминатите 180 дена во земјите од шенген-зоната. Кон оваа бројка ќе бидат додадени и деновите од предвидениот престој. Вкупниот број не смее да ја надмине бројката од максимум 90 дена.
На овој линк можете бесплатно да го пресметате бројот на деновите на престој.
Шенген визата не го зголемува бројот на денови на престој.
Не, не постои можност за поврат на средствата, бидејќи визната такса се наплаќа за обработка на барањето за виза и мора да се плати независно од исходот на визната постапка.
Ве молиме пратете ни мејл на: konsulat@skop.diplo.de со следните податоци:
- Вашето име и презиме
- Вашиот датум на раѓање
Амбасадата ќе Ви прати мејл со информации како може да го добиете пасошот назад.
Во основа, прашањата за визите се одговараат преку мејл. Ве молиме пред да стапите во контакт со нас, да ги прочитате информациите на нашата веб-страна и во соодветните информативни листови.
Формулар за контакт
телефон: +389 2 309 39 00
факс: +49 30 1817 67272
Вашиот пасош може да го подигне лице со полномошно. Полномошното со потпис на подносителот на барањето не мора да биде во посебна форма.
Укажуваме на следното:
Странските лица согласно § 5 став 2 бр. 1 Закон за престој мора да влезат со коректна виза во Германија.
Тоа значи дека ако подносителот на барањето во моментот престојува без виза во Германија, за востановување на долгорочен престој му треба национална виза за влез како основа за долгорочниот престој.
Службата за странци може да одбие издавање на дозвола за престој поради недостиг на докази за влез во земјата по издавање на визата или пак да побара од подносителот на барањето да ја напушти земјата, ако влезот не се случи по издавање на визата.
Амбасадата ниту може да се информира за Вас дали постои забрана за влез ниту пак да овозможи да се укине постоечката забрана.
Информации за вистинската постапка може да најдете овде.