Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts

Северна Македонија има избор

15.06.2023 - Текст

Државната министерка за Европа и клима Ана Лирман: Германија сака да ја види Северна Македонија во ЕУ

Ана Лирман
Ана Лирман© Anna Lührmann, Dominik Butzmann

Северна Македонија има избор дали ова лето ќе направи одлучувачки чекор во правец кон членството во ЕУ. Чекор кој ќе го отвори патот за отворањето на првите поглавја од пристапниот процес на ЕУ. Брзи, одлучни чекори во правец на ЕУ се во интерес на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија,  бидејќи тие ќе имаат непосреднаа корист од членството на нивната земја во ЕУ, било преку програми за размена и финансирање или преку финансиска поддршка за проширување на инфраструктурата. Но, за тоа сега се потребни: кредибилни реформи, зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата и прилагодување на стандардите  на ЕУ, во сите области на политиката.

И Германија сака да ја види Северна Македонија во ЕУ - тоа беше пораката од сојузниот канцелар Шолц, сојузниот претседател Штајнмајер и на министерката за надворешни работи Бербок при нивните посети  во Скопје.  Оваа порака и нашата поддршка, категорично ја потврдив за време на трите посети што ме одведоа во Скопје во последните месеци: Затоа што: Пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ би било взаемно збогатување – во тоа сум убедена.

Но, решавачки за тоа е успехот на многу дискутираната уставна промена, со која овие денови ќе се бави Собранието на Северна Македонија. Таа е услов за натамошни чекори во пристапните преговори. ЕУ и Северна Македонија постигнаа компромис за тоа, со целосна политичка заложба на Германија и другите земји-членки на ЕУ. Несомнено: овој компромис одново бара многу од Северна Македонија. Но,  тој е најдоброто решение што го отвора патот за следните чекори на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Убедена сум дека Северна Македонија ќе го преземе овој важен чекор во врска со промената на Уставот, со цел дополнително да го промовира процесот на пристапување во ЕУ и да овозможи понатамошен напредок во пристапниот процес со отворањето на кластерите.

Конкретно станува збор за втемелување во Уставот на малцинствата кои живеат во Северна Македонија. Освен бугарската, треба експлицитно да се наведат и припадниците на хрватската, црногорската,  словенечката,  еврејската како и египетската заедница. Тоа е во согласност со Рамковната конценција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа и основните вредности на Европската Унија.  Грижите дека со оваа уставна промена македонскиот народ би можел да се откаже од делови на својот идентитет се целосно неосновани. Напротив: ако во Уставот се заштитени и малцинствата, тоа покажува колку е силна правната држава.

На 15 јуни,  германскиот Бундестаг ќе дискутира по барањето, со кое германските претставници и претставнички на народот ја изразуваат нивната длабока почит кон македонските идентитет, култура, јазик  и историја и  понатаму ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот реформски пат во правец кон ЕУ.

Вклучувањето на различни групи на малцинства во Уставот не ја јакне само заштитата на малцинствата, туку и мултиетничкиот карактер на Северна Македонија, која служи како пример во регионот. Тоа соодветствува и со европската идеја: обединети во разноликоста!

Затоа ги повикувам сите партии и пратеници кои се застапени во Собранието на Северна Македонија да гласаат за уставната промена. Тоа е глас за иднината на Северна Македонија во ЕУ. Тоа е глас за доброто на нашите пријателки и пријатели кои живеат во Северна Македонија. Заедничка иднина што сите ја сакаме, што е реалистична и достижна.

Јас можам да ветам дека Северна Македонија и во иднина може да се потпре на целосната поддршка на Германија при секој чекор во правец на ЕУ. Дозволете заедно да чекориме по овој пат - вреди!

Почеток на страницата