Willkommen auf den Seiten des Auswärtigen Amts

Деновите на германскиот филм 2023

05.09.2023 - Текст

Германската амбасада, заедно со Кинотека Скопје, Центарот за Балканска соработка Лоја во Тетово, Europe House во Струмица и Крива Паланка како и Домот на култура во Кавадарци, Ве покануваат на Денови на германскиот филм.
Следните филмови ќе се прикажат:

СЛЕДНАТА ВРАТА

(Next Door/Nebenan)
Игран филм, Германија, САД
2021, 92 мин., колор, ДЦП    
Режија: Даниел Брил (Daniel Brühl)
Сценарио: Даниел Келман (Daniel Kehlmann),   
Улоги: Даниел Брил (Daniel Brühl), Петер Курт (Peter Kurth), Рике Екерман (Rike Eckerman)

Даниел е филмска ѕвезда навикната на успех. Неговиот живот е совршен. Живее во луксузен стан во Пренцлауер Берг, Берлин. Има убава жена и деца што ги чува дадилка. Тој е на врвот на својата актерска кариера и се подготвува за аудиција за неговата следна улога во американски филм за суперхерои. Во локалниот бар го среќава Бруно. Станува очигледно дека Бруно долго време го чекал овој момент. Овој човек занемарен од општеството - еден од губитниците на обединувањето и жртва на гентрификацијата на некогашниот Источен Берлин - се одмаздува, со Даниел како негова цел.
СЛЕДНАТА ВРАТА (2021) е црна комедија-драма во режија на познатиот германски и шпански актер Даниел Брил и сценарио на Даниел Келман, еден од најеминентните современи германски писатели и драматурзи. Главните улоги во филмот ги толкуваат Даниел Брил и Питер Курт. Филмот ја имаше својата светска премиера на 71. Меѓународен филмски фестивал во Берлин во 2021 година.

Скопје (Кинотека, Никола Русински 1, Скопје): 15.09. во 20:00 ч. (влезница: 150 денари)
Струмица (Europe House): 18.09. во 17:30 ч. (влезот е слободен)
Тетово (Лоја): 20.09. во 19:30 ч. (влезот е слободен)
Кавадарци (Дом на култура): 26.09. во 19:30 . (влезот е слободен)
Кратово (Трезор Бар): 04.10. во 17:00 ч. (влезот е слободен)

Фабијан

(Fabian: Going to the Dogs / Fabian oder Der Gang vor die Hunde)
Игран филм, Германија  
2021, 176 мин., колор, ДЦП    
Режија: Доминик Граф  (Dominik Graf)
Сценарио: Доминик Граф (Dominik Graf ), Константин Либ  (Constantin Lieb)  
Улоги: Том Шилинг (Tom Schilling), Саскја Росендал (Saskia Rosendahl), Албрехт Шух (Albrecht Schuch)

Филмот е историска драма во режија на искусниот Доминик Грас познат по филмот САКАНИТЕ СЕСТРИ (Beloved Sisters/ Die geliebten Schwestern), кој беше германски кандидат за Осар во 2012 година. Приказната е базирана според романот „Фабијан. Приказната за моралист” на Ерих Кестнер (Erich Kästner) кој дава еден реалистички, но во исто време и суреален приказ на Вајмарска Германија пред доаѓањето на нацистите на власт.
Приказната се случува во Берлин, кој тогаш бил турбулентно место. Додека градот е полн со живот, општеството врие и се распаѓа. Приказната го следи Јакоб Фабијан, докторанд по германски студии, циник, кој дење работи како копирајтер за една фабрика за цигари, а навечер заедно со неговиот пријател Сефан Лабуд (хедонист и поддржувач на комунизмот) ги посетуваат прочуените берлински локали.  
Фабијан се вљубува во Корнелија, амбицизона и талентирана актерка. Таа станува зрак надеж во неговиот живот кој се распаѓа. Но, како што Корнелија почнува да напредува во нејзината актерска кариера, така изгледите за подобра иднина на Фабијан почнуваат да се губат. 

Скопје (Кинотека, Никола Русински 1, Скопје): 16.09. во 20:00 ч. (влезница: 150 денари)
Струмица (Europe House): 19.09. во 17:30 ч. (влезот е слободен)
Тетово (Лоја): 22.09. во 19:30 ч. (влезот е слободен)
Кавадарци (Дом на култура): 27.09. во 19:30 . (влезот е слободен)
Крива Паланка (Europe House): 09.10. во 17:00 ч. (влезот е слободен)

ПОВЕЌЕ ОД КОГА БИЛО

(More Than Ever/ Mehr denn je / Plus que jamais)
Игран филм, Франција, Германија, Луксембург, Норвешка
2022, 92 мин.
Режија: Емили Атеф (Emily Atef)
Сценарио: Eмили Атеф (Emily Atef), Ларс Хубрих  (Lars Hubrich)
Улоги: Вики Крипс (Vicky Krieps), Гаспар Улијел (Gaspard Ulliel)

На 33-годишната архитектка Хелен (ја игра маестралната Вики Крипс) од Бордо ѝ е дијагностицирана пулмонална фиброза, фатална болест на белите дробови. Прогнозите се лоши. На Хелен не ѝ останува уште многу време. И покрај поддршката што ја има од нејзиниот Матие, таа бара начин да се почувствува повторно жива, за последен пат.  
ПОВЕЌЕ ОД КОГА БИЛО е филм на француско-германска режисерка со иранско потекло, Емили Атеф, кој премиерно беше прикажан во Кан 2022. Со овој филм, таа се навраќа на темата од нејзините претходни филмови - 3 дена во Киберон (3 Tage in Quiberon), Убиј ме (Töte mich) и Странецот во мене (Das Fremde in mir) за жени во егзистенцијални ситуации. Тоа е интензивна и трогателна драма за љубовта, збогувањето и напуштањето. Емили Атеф трогателно покажува како еден пар може повторно да се измисли и да ги преживее најголемите искушенија.   

Скопје (Кинотека, Никола Русински 1, Скопје): 17.09. во 20:00 ч. (влезница: 150 денари)
Пробиштип (Младински Центар): 21.09. во 19:00 ч. (влезот е слободен)
Тетово (Лоја): 21.09. во 19:30 ч. (влезот е слободен)
Кавадарци (Дом на култура): 28.09. во 19:30 . (влезот е слободен)
Куманово (Занаетчиски Дом Куманово): 05.10. во 17 ч. (влезот е слободен)

РАЈНСКО ЗЛАТО

(RHEINGOLD)
Игран филм, Германија
2022, 139 мин., колор, ДЦП    
Режија: Фатих Акин (Fatih Akin)
Сценарио: Фатих Акин (Fatih Akin), Гивар Хаџаби (Giwar Hajabi),  
Улоги: Емилио Сакраја (Emilio Sakraya), Мона Пирзади (Mona Pirzad), Хусенин Елиракви (Hussein Eliraqui)

RHEINGOLD (2022) е последниот филм на Фатих Акин, еден од најплодните и најуспешни   режисери од современата германска кинематографија. Со овој  филм тој ја продолжува неговата вивисекција на животот на емигрантите во Германија.  
Филмот ја раскажува вистинската приказна на Гивар Хаџаби (Giwar Hajabi), со уметничко име Ксатар (Xataр), германски хип-хоп артист, издавач, продуцент и претприемач (го игра Емилио Сакраја/Emilio Sakraya). Гивар се навраќа на неговиот подем, од социјалните станови, до врвот на музичките топ-листи.
Откако пристигнува во Германија од Ирак во средината на 1980-тите, тој се наоѓа на дното. Целото негово семејство е затворено во Ирак и тој е сам во Германија, нему непозната земја. Тука има многу начини и можности да се дојде до пари и слава, но и уште повеќе пречки. Тој, сепак, од ситен криминалец станува голем дилер. Но, запаѓа во проблеми кога му исчезнува пратка со течен кокаин. За да го плати долгот за загубената пратка, Гивар планира грабеж на злато заедно со неколку соработници. Тоа на крајот ќе го одведе во пеколот на ирачкиот затвор. Но, Гивар е инвентивен и едно е сигурно, сака подобар живот и е подготвен напорно да работи за да стигне до него.

Скопје (Кинотека, Никола Русински 1, Скопје): 18.09. во 20:00 ч. (влезница: 150 денари)
Тетово (Лоја): 19.09. во 19:30 ч. (влезот е слободен)
Пробиштип (Младински Центар): 20.09. во 19:00 ч. (влезот е слободен)
Кавадарци (Дом на култура): 29.09. во 19:30 . (влезот е слободен)
Крива Паланка (Europe House): 03.10. во 17:00 ч. (влезот е слободен)

Почеток на страницата